Стопанската комора на Северозападна Македонија на денешната средба со министерот за финансии Фатмир Бесими изразила подготвеност за активна улога во процесот на предлагање закони и регулативи кои директно влијаат на деловните субјекти.
На средбата, како што соопштија попладнево од Комората, ја претставиле Платформата за економски развој, а од страна на министерот бил презентиран четвртиот пакет мерки што вчера го усвои Владата на седница.
– Во рамките на платформата за економски развој на Северна Македонија, составена од самата СКСЗМ, беа презентирани и елаборирани точките каде државата треба да интервенира со цел нејзиниот развој и економски раст да продолжи со своите перформанси, додавајќи ги тука и економските мерки против КОВИД-19 што мораат да претходат за закрепнување на економијата и враќање во нормална траекторија, се наведува во соопштението.
Преку овие средби, велат од Комората, се добива реална слика за реалните побарувања на бизнис заедницата, особено за време на пандемијата КОВИД-19.
