На стопанството итно му се потребни пари од четвртиот сет владини мерки. Лошата финансиска состојба и неликвидноста, ја наметува потребата од тоа, согласен е првиот човек на организацијата на работодавачи Ангел Димитров. Според него некои од компаниите веќе заживуваат и полека ги надминуваат почетните проблеми од коронакризата, но најголем дел од претпријатијата и понатаму чувствуваат големи проблеми. Сега , советува Димитров, треба паметно распределување на парите од четвртиот сет мерки .
„Поучени од последниот сет на мерки излезе дека владата обезбеди повисок износ на средства од тие што се доделија затоа што критериумите беа такви, добиваа само компаниите кои се навистина погодени, оние со над 30 посто пад на приходите, додека компаниите што имаа 26,27 посто не добија таква помош. И сега мислам дека и владата е свесна дека треба да има повеќе такви критериуми да можат сите компании да добијат одредена помош како во помошта да биде различна а не на сите да се даде да речеме 14.500 денари“, истакна Ангел Димитров.
Ние патиме во целата ситуација предупредува Димитров.
„Пример имаме од нашите членки кои се во дисконтите за храна тие немаат таков висок пад на приходите но имаат огромни додатни трошоци заради луѓето , работниците кои не одат на работа. Тие се доведени во ситуација да ги преоптеретуваат со прекувремена работа работниците кои одат на работа за сметка на оние што седат дома поради чување на деца, хронично болни“, посочи Ангел Димитров.
Дека мерките во иднина треба да бидат подобро дефинирани и да се знае каде се потребни повеќе пари, деновиве се огласи и министерот за економија Крешник Бектеши.
„Во постоечкиот Буџет сите знаеме дека некои од мерките се користени со 80 посто што отвора простор и за институциите да направат распределба на Буџетот и тие мерки да ги дизајнираме заедно со стопанските комори се со цел да имаме што потаргетирани мерки во четвртиот сет“, вели Крешник Бектеши.
Без нова финансиска помош, според анализите на стопанствениците , падот на економијата би продолжил и според нив би дошло до трајно губење на работни места и можно замирање на претпријатија кои со години опстојувале на пазарот.