Вака денеска изгледа комплексот „Дајмонд оф Скопје – Лимак“ каде пред два дена животот го загуби турски државјанин на своето работно место.
Трудовиот инспекторат итно ги стопираше сите градежни активности.
Оттаму за ТВ21 дадоа детали како се случил трагичниот настан во кој животот го загиби 34-годишникот работник од Турција. Паднал од висина од 10 метри, додека поставувал гипс картон, качен на електричен уред за работа на височина, со дополнителни делови за подигање на платформата.
Трагедијата се случила околу 18 часот, но како што тврдат од Инспекторатот, компанијата „Лимак“ немала најавено дека ќе работи и по редовното работно време. За ова е изречена казна.
„Првичниот увид е констатирано дека работодавачот, за денот кога е случен настанот, 02.05.2023 година околу 18:00 часот, по истекот на редовното работно време на работникот, претходно писмено не го известил подрачниот државен инспектор на трудот дека се воведува прекувремена работа. За утврдената неправилност на работодавачот ќе му се издаде прекршочен платен налог“, велат од Инспекторатот.
Првиот човек на градежниот синдикат, Иван Пешевски, тврди дека тие веќе со години го известиле Трудовиот инспекторат за неправилности и незаконско работење на фирмата „Лимак“, но дури по две години, според него, Инспекторатот дошол на инспекција.
„За оние работници на црно кои што имаме информации од наши колеги кои што работат по градилиштата, тие бројки се помеѓу 3 и 4 илјади вработени во моментов на територија на цела Македонија. Ние пред неколку години, можеби пред три години пријавувавме во Државниот Инспекторат за Труд дека имаме сознанија токму во Центарот на Градот Скопје преку 250 работници од вкупниот број работници кај изведувачот Лимак работат на црно. Меѓутоа многу подоцна по приавата, тоа беше лани, излезе инспекторат на труд на терен и начека 97 работници на црно на тоа градилиште каде што синоќа имавме таков немил настан 34 годишен граѓанин на Република Турција загина на работното место.“, рече Пешевски.
Според Пешевски, предолгото работно време и работата на две смени за да имаат повеќе приходи во крајот на месецот, предизвикува замор кај работниците и последиците се фатални.
„Имајќи предвид дека по потрага по парче леб на вработените без разлика дали се државјани од други земји или наши домашни работници се останува на многу нерегистрирани работни часови и сето тоа е последица на еден замор кои што го имаат тие вработени бијдејќи како да нема работа во смени на тие градилишта. Истите луѓе ги гледаме и во прва и во втора смена. Нормално дека последиците се катастрофални. На крајот на денот нема цена човечкиот живот за тој вработен дека ќе однесе малку повеќе средства на крајот на месецот дома бидејќи излегува дека дома нема да се врати жив.“, изјави Пешевски.
Од Трудовиот инспекторат за ТВ21 велат дека во текот на 2022 година, во целата територија на државата се направени 24 965 инспекции, за нерегуларности се донесени 6111 одлуки. За прекршување на законите се изречени 550 казни, покренати се 84 прекршочни пријави и 14 кривични пријави.
