Стотина пријави за угинати птици пристигнале во АХВ по алармот за западнонилска треска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зголемената загриженост поради ширењето на западнонилската треска предизвика и значителен број пријави за угинати птици. Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информираат дека во изминатите денови добиле стотина пријави од граѓани преку бесплатната телефонска линија, електронската адреса и други канали.

Од АХВ апелираат граѓаните да не создаваат непотребна паника доколку забележат поединечна угината птица во урбана средина, вклучително и гавран или друга дива птица.

Сепак, посебно внимание треба да се посвети доколку на исто подрачје и во краток временски период се забележи поголем број угинати гаврани или други диви птици. Во таков случај, граѓаните треба да ја известат надлежната служба и да избегнуваат директен контакт со птиците.

„Агенцијата за храна и ветеринарство континуирано ја следи состојбата и, согласно проценката на ризикот, ги презема потребните мерки за надзор, земање примероци и лабораториски испитувања“, велат од АХВ.

Апелот доаѓа во период кога надлежните институции го засилуваат надзорот поради зголемениот број случаи на западнонилска треска. Министерот за здравство Сашо Клековски посочи дека гавраните се меѓу најчестите резервоари на вирусот и повика секоја забележана мртва дива птица да биде пријавена.

Во исто време, институциите ги засилуваат мерките за контрола на комарците, кои го пренесуваат вирусот, вклучително и третмани против комарци и ларвицидни третирања на водни површини и стоечки води.

Надлежните апелираат граѓаните да преземаат мерки за лична заштита од убоди од комарци, особено во периодот кога ризикот од ширење на западнонилската треска е зголемен.

Според епидемиолошките проценки, август и септември се периодот кога традиционално се очекува најголем ризик од вакви епидемии.

Во земјава досега се потврдени 35 случаи на западнонилска треска, при што се регистрирани и четири смртни случаи. Во моментов се хоспитализирани 20 пациенти, од кои 18 се лабораториски потврдени, додека пет лица со потешка клиничка слика се лекуваат на интензивна нега. Досега 15 пациенти се излекувани и се отпуштени од Клиниката за инфективни болести.