Околу 160 илјади лица останаа без греење во Мариупол и околината, извести градоначалникот Вадим Бојченко. Упати апел за целосна евакуација. Неколку жители се евакуирани преку хуманитарните коридори, но повеќето се заглавени во градот. Жителите на Мариупол кој е главна цел на руските сили, немаат доволно храна, вода и лекови. Според меѓународниот комитет на Црвениот крст се уште не може да се испрати помош во градот.
Од друга страна, десетици илјади цивили се заробени во Чернихов, без гас, вода и струја, по едномесечните тешки војувања. Чернихов кој се наоѓа на брегот на реката Десна беше меѓу украинските градови кои беа нападнати од руските трупи. “Не постои безбеден излез“, изјави за ББС гувернерот на Чернихов, Владислав Чаус.
А кога станува збор за хуманитарните коридори, соопштено е дека нема да се отворат бидејќи разузнавачките информации на Украина говорат за можни руски “провокации“ при евакуацијата.
Обединетите нации оцениле дека 1,119 цивили се убиени а 1,790 ранети од почетокот на руската инвазија врз Украина. Реалната бројка на жртви се смета дека е повисока. Според ООН над десет милиони лица се иселиле поради насилството. Вкупно 143 деца се убиени, а 216 се повредени од почетокот на воената инвазија во Украина, соопшти комесарот за човекови права во Украина, Људмила Денисова.
Што се однесува до преговорите, новата рунда преговори меѓу Украина и Русија се очекува да се одржи во Турција од 28 до 30 март, рече украинскиот преговарач, Давид Аракхамиа. Ова ќе биде втора рунда преговори што ќе се одржи во Турција. Украинскиот претседател Володомир Зеленски рече дека постои можност и потреба за средба тет а тет во Турција и дека тоа “не е лошо“.
„Следи нова рунда преговори, бидејќи ние се залагаме за мир, вистински, без одлагања. Како што сум информиран, постои можност и потреба за средба во четири очи во Турција. Тоа не е лошо. Да го видиме резултатот. Нашите приоритети во преговорите се познати. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина се не тема на дискусија. Нашата цел е јасна, мир и што поскоро враќање на нормалниот живот во нашата земја“, рече Зеленски.
Што се однесува до војувањата, воените тајни служби на Украина велат дека Русија се обидува да ја подели Украина на два дела, формирајќи регион контролиран од Москва, по неуспехот да ја порази цела земја. Источниот украински регион, Луханск кој е под контрола на сепаратистите поддржани од Русија, може да одржи референдум за соединување кон Русија. Украина рече дека одбила пет руски напади во источните региони Доњецк и луханск, додека британското МО рече дека Русите немале напредок во последните 24 часа.
