Стотици летови на „Луфтханза“ откажани поради големиот штрајк

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Стотици авиони на „Луфтханза“ денеска ќе останат приземјени ширум Германија поради целодневен штрајк на пилотите и кабинскиот персонал. До прекинот на работата дојде по неуспешните преговори со синдикатите, кои се спротивставуваат на плановите на компанијата насочени кон намалување на трошоците и зголемување на профитабилноста.

Иако „Луфтханза“ не го објави точниот број на откажани летови, на патниците им е најавено дека ќе има голем број откажувања. Дел од летовите од поголемите аеродроми, како Франкфурт и Берлин, сепак ќе се реализираат. Компанијата ги повика патниците пред поаѓање кон аеродром да го проверат статусот на својот лет.

Од „Луфтханза“ соопштија дека патниците од откажаните летови ќе се обидат да ги пренасочат кон други авиокомпании во рамки на групацијата или кај партнерски превозници. Исто така, на патниците им е овозможено без дополнителни трошоци да ги заменат авионските билети со билети на Германските железници (Deutsche Bahn). Целосна нормализација на сообраќајот не се очекува пред петок.

Штрајкот го покренаа околу 4.800 пилоти на „Луфтханза“ и нејзината карго-компанија „Lufthansa Cargo“, кои бараат повисоки издвојувања во пензиските фондови. Германскиот синдикат на пилоти VC наведува дека големо мнозинство од членовите уште минатата година гласале за штрајк како форма на притисок врз работодавачот.

Претседателот на синдикатот VC, Андреас Пињеиро, изјави дека сакале да избегнат ескалација и дека синдикатот во секој момент бил подготвен за дијалог, но дека одговорноста за штрајкот ја сноси работодавачот. Во меѓувреме, синдикатот на кабинскиот персонал UFO повика на штрајк и вработените во регионалната компанија „CityLine“, која опслужува кратки летови.

Како причина се наведува планираното гасење на летачките операции на „CityLine“, како и, според синдикатот, континуираното одбивање на компанијата да започне преговори за колективен социјален план. Штрајкот на синдикатот UFO опфаќа околу 20.000 вработени и е организиран без претходно изјаснување на членството. Досегашните преговори меѓу синдикатите и управата на „Луфтханза“ се воделе повремено, но без конкретен резултат.

Од управата на „Луфтханза“ порачаа дека барањата на синдикатите се претерани. Директорот за човечки ресурси Михаел Нигерман оцени дека ескалацијата е непотребна и нагласи дека споровите можат да се решат исклучиво преку разговор. Тој додаде дека компанијата во моментов нема финансиска можност да преземе дополнителни трошоци.

„Луфтханза“ 2024 година ја заврши со загуба, поради што започна програма за реструктурирање под назив „Пресврт“, со цел враќање на работењето во зоната на профитабилност.