Министерот за здравство Азир Алиу денеска ги презентираше резултатите од извештајот на странската комисија која што ги испитуваше сомнителните кардиохируршки и кардиолошки интервенции.
Министерството годинава ангажираше странска комисија составена од д-р Уголини Ливи кардиохирург од Италија, потоа д-р Никола Лакиќ кардиваскуларен хирург од Словенија, и д-р Черчек Миха, интервентен кардиолог од Словенија.
„Како што знаете прво беше формирана интерна домашна Kомисија, којa одржа 16 работнисостаноци, и темелно разгледа 20 случаи, од кои кај 13 беа утврдени сомнежи за непотребно извршени операции“, рече Алиу и дополни:
„Формиравме и Комисија од меѓународни експерти, и сите овие наоди им ги доставивме. Таа беше формирана во февруари, и минататa недела стигна извештајот од стручниот увид. Тие наоди се поклопуваат со наодите со домашната интерна комисија, што е особено важно затоа што двете комисии работеа независно една од друга. Од вкупно анализирани 13 предмети за непотребно извршени операции, странската комисија кај 4 пациенти утврди дека цитирам „обезбедениот третман во целина е медицински соодветен, навремен и во согласност со прифатените стандарди со клиничка пракса“, додека кај останатите девет пациенти, според странските ескперти цитирам „документарција укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација, на пример несогласување меѓу ангиографски наоди од коренографијата и писмениот извештај, со што следувало несоодветна индикација за процедурите, било да станува збор за ендоваскуларните или хируршките процедури“.
Комисијата оценува дека, цитирам: „одредени аспекти од третманот и водењето на пациентите биле под очекуваните професионални стандарди, и влијаеле врз клиничкиот исход од нив“, рече Алиу на денешната прес-конференција.
Министерот за здравство вели дека пациентите биле на возраст од 45 до 78 години, а анализираните случаи се однесуваат на интервенции и постапки во неколку државни, но и приватни клиники.
„Овие наоди се сериозни, но не смеат да се реватилизираат и не смеат да се користат за генерализирање на целата лекарска професија. Огромен број на лекари работат чесно, стручно и посветено, и системот мора да ги заштити и пациентите и лекарите. Извештатите од интерната и странската комисија ќе бидат доставени до Влада, до Јавното обвинителство, Фондот за здравство, Лекарската комора и Државната комисија за спречување на корупција. Сакам да потсетам дека Лекарска комора спроведе вонреден надзор врз пациентите кои биле предмет на овие операции“, изјави Алиу.
