Од средата, во сојузната американска држава Орегон беснее страшен пожар кој уништи десетици домови. Илјадници други домови се во опасност, бидејќи огнената стихија се уште не е ставена под контрола.
Пожарот зафатил површина од околу 860 километри квадратни, што е поголема површина од еден цел Њујорк.
„Најдобар начин на кој можам да го опишам растот на пожарот е, за време на нашиот мандат тука, огнот растеше како два до три пожари секој ден“, вели Берт Тајер.
Над 2000 лица морале да се евакуираат. Тим и Ди Мекарли, во ретровизорот од нивното возило можеа да видат како дрвјата исчезнуваат во пламен. Како што велат, од канцеларијата на локалниот шериф им порачале дека ако не заминат на време, можеби нема да преживеат.
„Собравме што можевме, ги земавме мачките.. Огнот беше тука..Можеше да се слушне татнеж. Беше како товарен воз. А, пламенот само доаѓаше кон нас. И чадот беше ужасен. Значи скокнавме во нашите возила и се извлековме“, посочи Ди Мекарли.
Пожарникарите веќе неколку дена се борат да го стават под контрола овој пожар. Но, освен со пожарот, се борат и против високите температури и ветерот, кој им ја отежнува работата.
Властите соопштија дека пожарот уништил 67 домови и 117 други градби во текот на ноќта во петокот и дополнително е закана за 5000 дополнителни домови и помали објекти.
Пожарот е еден од десетината големи пожари што горат во државите Вашингтон, Орегон и Калифорнија. Во изминатиот период, според Националниот меѓуагенциски пожарен центар, во САД имало над 70 големи пожари кои уништиле 1659 хектари површина.
