Страшна трагедија во Гостивар – загина 7-годишно дете во пожар, нозете му биле врзани со синџир

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Седумгодишно дете загина во пожар кој утрово избувна во станбена зграда на улицата „Кеј Вардар“ во Гостивар. Со животозагрозувачки повреди се здобила и 35-годишна жена, која веднаш била пренесена во гостиварската болница.

Пожарот избувнал околу 8 часот наутро во стан кој се наоѓал на третиот кат. Припадниците на Противпожарната единица ги ставиле под контрола пламените јазици, но, иако пристигнале за 5 минути, целиот стан веќе бил во пламен.

„Повикот е направен во 8 и 5 минути и поради тоа што местото на настанот беше блиску, пристигнавме во 8:10. Кога пристигнавме станот веќе гореше, а во опасност беа и околните згради. Станот целиот беше опфатен во пламен, но пред да преземеме мерки дознавме дека внатре има и едно дете. Влеговме внатре со колегите, и иако се здобивме со лесни повреди, го извадивме детето и почнавме да го локализираме пожарот. Детето беше дехидрирано од чадот, а дел од телото му беше изгорено. Пожарот го локализиравме во 09:20 минути и целосно го изгасивме“, истакна пожарникар.

Основното јавно обвинителство го истражува случајот. Издаден е и налог за обдукција на телото на починатото дете. Од лекарскиот тим велат дека детето за време на пожарот било врзано со синџир на нозете. Според исказот на членови на семејството детето било врзано поради агресивност.   

„Основното јавно обвинителство Гостивар врши увид на местото на настанатиот пожар во станбена зграда во Гостивар, каде како последица на задушување, животот го загуби едно дете на 7-годишна возраст. Безживотното тело е испратено на обдукција со цел да се утврдат причините за смртта. Првичните сознанија на лекарскиот тим упатуваат на тоа дека детето за време на пожарот било врзано со синџир на нозете. Според исказот на семејството, причина за врзувањето било што детето било агресивно. Обвинителството ги презема сите дејства за целосно расветлување на случајот“, велат од ОЈО.

Според очевидците, пожарот избувнал нешто пред 8 часот, по што чадот почнал да се шири низ целата улица.