Страшни пожари беснеат во Грција: Загинаа тројца пожарникари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Грција е завиена во црно откако тројца пожарникари загинаа за време на интервенциите за гаснење на големите шумски пожари што беснеат на островот Крит и на полуостровот Пелопонез. Трагедијата се случила додека спасувачките екипи со денови водат тешка битка со пламените јазици, поттикнати од високите температури и силниот ветер.

Според грчките медиуми, двајца од пожарникарите загинале на Крит, додека третиот го загубил животот при интервенција на Пелопонез. И покрај напорите на колегите и итната медицинска помош, нивните животи не можеле да бидат спасени.

Пожарите и натаму претставуваат сериозна закана во повеќе делови од земјата. Голем број населени места беа евакуирани како превентивна мерка, а во гаснењето се вклучени стотици пожарникари, воздушни сили и волонтери. Властите предупредуваат дека временските услови и понатаму го отежнуваат ставањето на огнените фронтови под контрола.

Смртта на тројцата пожарникари предизвика силни реакции во јавноста и нов бран сочувство кон припадниците на службите кои секојдневно ги ризикуваат своите животи во борбата со катастрофалните пожари што ја погодуваат Грција.