„Стража на јазикот“ – ДУИ со 24-часовна стража пред Уставен ќе го брани Законот за јазиците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со деноноќна стража пред Уставниот суд Демократската унија за интеграција ќе го бранат законот за јазиците. Дел од раководството, но и голем дел од членството на партијата се собраа пред Судот каде со свирежи и извикувајќи пароли протестираа против најавената седница во среда на која треба да се расправа за оспорените членови од законот за јазиците. Таму доцна попладнето се одржа и вонредна прес конференција на која говореше Арбр Адеми. Тој истакна дека тука ќе останат се до среда кога е закажана седницата на Уставен, но не рече на кој начин ќе бранат односно дали нема да дозволуваат на судиите да влезат.

„Од ова место и од овој ден ја објавуваме иницијативата „Стража на јазикот“, историска иницијатива за заштита на нашето право на еднаквост и идентитет. Од денес 8 декември ќе останеме тука пред Уставниот суд ден и ноќ на мирен начин за да ги заштитиме нашите права и да осигуриме дека ниту една одлука нема да го уништи она што го изградивме со жртвување“, рече Адеми.

Овој закон не е само правен акт, туку е симбол на Охридскиот мировен договор и е темел на јазичната еднаквост, рече Адеми. Тој директно ја обвини власта дека стои зад иницијативата за преиспитување на законот за јазиците.

„Секој обид за негово укинување е напад врз нашите историски достигнувања и директен удар врз меѓуетничкиот соживот. Укинувањето на законот за употреба на јазиците значи уривање на еден од клучните столбови на овој Договор. Сите сме сведоци на опасен пристап од оваа Влада без етнички легитимитет која секојдневно се обидува да ги поткопува темелите на едно мултиетничко општество“, изјави Адеми.

Првиот вицепремиер од редовите на ВРЕДИ Изет Меџити на својот фејсбук профил напиша дека албанскиот јазик не се оспорува, туку незаконското богатство на ДУИ. Им порача на граѓаните да бидат спокојни.

„Албанскиот јазик не се ризикува, незаконското богатство на корумпираната клика на ДУИ стекнато на грб на Албанците ДА! Албанскиот јазик нема да се оспорува, милионите на олигарсите на ДУИ ДА! Албанскиот јазик е заштитен, коцкарските пари на корумпираната клика на ДУИ НЕ! За сите оние кои деновиве врескаа како избезумени за да ги исплашат Албанците и се закануваат со дестабилизација, имам еден одговор: ИЗГОРЕ ЛОНЧЕТО, ПРЕТЕЧЕ МЛЕКОТО! Бидете спокојни“, изјави Меџити.

Седницата на Уставниот суд за преиспитување на оспорените членови на Законот за јазиците е закажана за в среда. Засега двајцата уставни судии Албанци Осман Кадриу и Насер Ајдари најавија дека ќе ја бојкотираат седницата.