Независниот кандидат Менди Ќира со разлика од 537 гласа во однос на противкандидатот на НАИ, Арсим Далипи победи во трката за градоначалник во Струга. За волја на вистината, независниот Ќура доби отворена поддршка од владејачката коалиција ВЛЕН.
Ќура освои 12.490 гласа, додека Далипи 11.953 гласа.
Синоќа, по затворањето на избирачките места, во штабот на Ќира се собраа симпатизерите за да ја прослават победата.
Новиот градоначалник Ќура се обврза дека ќе ги исполни дадените ветувања засновани на пет столба за мандатот што го доби.
„Им се заблагодарувам на поддржувачите, на владината коалиција, им благодарам на сите граѓани кои се ангажираа за работата и резултатот што го постигнавме. Се надевам дека ќе влеземе во историјата – како што започнавме со промени, така ќе влеземе и со четиригодишни успеси, кои ќе се паметат 30 години како историја на овој мандат“, вели Менди Ќура.
Како и Ќура, така и кандидатот Далипи им се заблагодари на иселениците кои специјално допатуваа за да го остварат своето демократско право на глас во родниот град.
Кандидатот на НАИ за Струга, Арсим Далипи, му ја честиташе победата на Ќура.
„Ви благодарам за 11.953 гласа! Остваривме длабока победа во над 90% од населените места со мнозинство Албанци, но тоа не беше доволно за да се постигне крајната цел. Му ја честитам победата на противкандидатот Менди Ќира и ја изразувам својата желба да работи за доброто на нашиот град – Струга“, вели Арсим Далипи.
Во 101 избирачко место, каде право на глас имаа 62.711 граѓани, излезноста изнесуваше 40,93%, односно во вториот круг гласале 25.665 граѓани. Според податоците на ДИК, во Струга имало 1.222 неважечки гласачки ливчиња. Менди Ќура ќе го замени досегашниот градоначалник од ДУИ, Рамиз Мерко, кој беше на чело на градот во текот на четири мандати.
