Стружаните преплашени од кучињата скитници – иако се изгласа формирање ад-хок тело, сѐ уште не е преземено ништо

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема решение за проблемот со кучињата скитници во Струга. Советниците на Струга пред пет месеци едногласно изгласаа формирање на ад-хок тело за итно решавање на проблемот со бездомните кучиња. Иницијативата предвидува нивно заловување, стерилизација и третирање, но и по пет месеци општината нема преземено никакви мерки. Граѓаните се жалат дека не можат слободно да се движат по улиците.

„Многу е лошо луѓето да стравуваат. Општината треба да се погрижи за ова. Глутница од по десетина кучиња…. Лошо е. Јас мислам дека треба да се погрижат за тоа“.

„Секако дека е проблем, народот се плаши, децата стравуваат исто така. Ако може нека се изнајде решение“.

„Еднаш ми падна чанта со ореви. Беа 5-6 кучиња и каде да одам јас? Нема како да се одбраниш“.

Советникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Кукунеш, вели дека општината троши пари за непродуктивни работи, а не издвојува финансии за решавање на проблемот со кучињата скитници.

Според законот, општините се надлежни за решавање на проблемот со кучињата скитници, но ниту една општина во југозападниот регион нема соодветно прифатилиште. Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко вели дека прават сѐ за да го решат проблемот.