Студентите бараат повторно отворање на читалните за испитните рокови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ниту дождот не ги спречи да си ја пробаат среќата – дали е отворена читалната во библиотеката „Свети Климент Охридски“. Но, ги дочека заклучена врата. Студентот Арбен Мемети, дојде во читалната бидејќи, како што вели, сакал да учи и да се подготвува за испитите.

-Како што видовте и самите, денеска универзитетската библиотека не работеше. Студентите имаат потреба да се отворат, согласно Протокол каде ќе се биде предвидена и дистанцата. Ова навистина е неопходно за нас, бидејќи имаме испитен рок. Отворањето е попотребно сега, отколку на почетокот на академската година, бидејќи сите студенти се навикнати да учат во библиотека.-вели Мемети.

Со Арбен беше и неговиот колега, Умејр Муамеди. Тој вели дека сѐ се отворило во државата, па затоа нема логика читалните да останат под клуч.

-Имајќи предвид дека сите кафулиња се отворија, сѐ функционира според одредени протоколи, мислам дека и библиотеките треба да почнат да работат. Чекаме протокол кој студентите ќе го почитуваат-изјави Муамеди.

Двајцата сметаат дека неотворањето на читалните за студентите ќе влијае и врз резултатот од испитите, бидејќи како што велат, изминатите години пријавувале по три испити во летната сесија, а годинава само по еден. И министерот за култура, Хисни Исмаили во емисијата „10 Минути“, најави дека библиотеките ќе се отворат  втората половина на јуни. Денеска, од неговиот кабинет, за ТВ21 рекоа дека Протоколот е изготвен, но дека чекаат проценка од Комисијата за заразни болести.

-Предлог-протоколот согласно кој ќе се отворат националните институции, вклучувајќи ги и библиотеките, веќе е доставен до Комисијата за заразни болести, од каде чекаме одговор-велат од министерството за култура.

Првиот чекор од отворање на културните институции е отворање на вратите на библиотеките во земјава, откако истите беа затворени на 10 март, како мерка за спречување на вирусот Ковид-19.