Студентите во Србија ја завршија блокадата на РТС, закажан голем протест во Белград на 1. мај

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Српските студенти вчера ја завршија двонеделната блокада на двете згради на Радио Телевизија Србија (РТС), откако парламентарната комисија за култура и информации претходно усвои одлука за распишување нов конкурс за членови на советот на Регулаторната агенција за електронски медиуми (РЕМ). Блокадата започна на 14 април со барања за непристрасно известување од јавниот сервис за студентското движење, социјалната и политичката криза во земјата и за избор на нови членови на одборот на државното регулаторно тело во околности кога повеќето печатени медиуми и телевизии со национален дострел се под влијание или контрола на владата.

Студентското движење произлезе од бран антивладини протести предизвикани од смртта на 16 лица при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година. Тие бараат кривична и политичка одговорност од властите за оваа трагедија и бараат борба против корупцијата, слободно и уредно општество и независно работење на институциите.

Од 22 ноември минатата година, студентите, со поддршка на голем дел од академската заедница и мноштво општествени групи, блокираат повеќе од 60 факултети на сите четири државни универзитети, а владата ги нарекува нивните протести „шарена револуција“.

Блокадата на РТС заврши на денот кога полицијата употреби сила против студентите и демонстрантите во Нови Сад претходно во понеделник, во обид да го внесе деканот во зградата на Факултетот за спорт и физичко образование, кој имаше намера да ги спречи студентите да го блокираат факултетот.

За 1-ви мај во Белград е најавен голем заеднички протест на студентите и синдикатите, по повод Меѓународниот ден на трудот.