Изгледа како напуштена зграда. Исклучувањето на електричната енергија го претвори студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје во објект на духови. Застарен инвентар, соби во лоша состојба за живеење, искршени плочки и напукнат таван. Нечистотија се забележува на секој агол од просториите во кои, до оваа пролет, беа сместени околу 1.000 студенти од сите населени места во Македонија, кои студираат во Скопје.
„Иако на 15 септември требаше да бидат сместени околу 1.000 студенти во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје, Министерството за образование донесе одлука за негово реновирање во рок од две години. Иако сè уште не е објавен тендерот, околу 500 студенти Албанци остануваат без сигурно сместување од почетокот на новата академска година“, известува Аднан Каили, новинар на ТВ21.
Директорот на студентскиот дом, Орхан Алиу, изјави дека за време на реновирањето ќе бидат поставени фотоволтаични панели и изолација за енергетска ефикасност, со цел да се избегнат огромните сметки за електрична енергија, кои достигнуваат и до 1 милион денари месечно, бидејќи електричната енергија се наплаќа според повисоки тарифи, а не како кај училишните објекти.
„Поголемиот дел од студентите Албанци се сместени тука поради локацијата на Универзитетот „Мајка Тереза“ и „Св. Кирил и Методиј“, кој годинава, за жал, е затворен поради реконструкција и не знаеме каде ќе одат студентите… Сите студенти ќе бидат префрлени во другите студентски домови. Сега проблем е што домовите „Пелагонија“ и „Сениќ“ се затворени, па можеби ќе има поголем број студенти. Сега проблемот со сместувањето на студентите ќе биде на товар на Министерството“, рече Орхан Алиу.
Директорот Алиу рече дека проблеми предизвикале и злонамерните погрешни толкувања на ревизорскиот извештај за 2023-2024 година, според кои, како што се наведува, имало злоупотреби при набавката на храна за студентската менза. Тој објаснува дека според тендерот, мерењето се врши според количината во килограми, а не по парче, како што било дезинформирано во медиумите.
„Овде лебот го мериме во килограми, и белиот леб и пченкарниот леб чинат 76 денари, а другиот леб 70 денари. Кога ќе се пресмета по килограм, излегува поевтино отколку надвор. Овде, за ѓевреците, за кои беше кажано дека чинат 127 денари за парче, тоа е грешка, бидејќи овде се пресметуваат по килограм, а во еден килограм има 10 парчиња, што значи дека по пресметка е 14,7 денари за еден ѓеврек“, изјави Орхан Алиу.
Од Министерството за образование велат дека студентскиот дом „Пелагонија“ е привремено затворен за студентите и дека до крајот на годинава се очекува да започнат градежните работи. За ТВ21 од Министерството потврдуваат дека сè уште не е познато кога ќе биде спроведена постапката за избор на компанија.
