„Студентскиот отпор“ незадоволен, најавува марш – Демири: Постигнавме договор, маршот има политичка позадина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако меѓу студентските сојузи, министерот за образование и дел од пратениците беше постигнат договор за студентскиот оброк, сепак движењето „Студентски отпор“ за во четврток најави марш. Преку објава на Фејсбук велат дека не се задоволни од конечниот резултат и донесените одлуки.

БАРАЊА НА „СТУДЕНТСКИ ОТПОР“
-Зголемување на сумата од 120 на 150 денари за студентски оброк,
-Израмнување на сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите,
-Реновирање и обезбедување нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање „студентски градови” и стоп за најавената приватизација на студентските домови,
-Издвојување доволно средства за изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја.

Но, Агрон Демири, претседател на Студентскиот сојуз на УЈИЕ, вели дека не знае кој го иницирал маршот, бидејќи според него, синоќа сите едногласно изразиле согласност за договорот. Демири додава дека некои студенти имале средби со опозициски пратеници.

-Јас се слушнав со колегите од студентските парламенти, гледаме дека има политичка позадина, доста голема, и дај Боже да не излезе дека е вистина, бидејќи ќе излезе дека го злоупотребуваат правото да се нарекуваат студенти со идеја и одредена цел за сите наши студенти и колеги-вели Демири.

Министерот за образование, Јетон Шаќири рече дека денеска повторно имал средба со претставниците на студентските сојузи и дека сите се изјасниле дека се задоволни. Додава дека работата во оваа насока ќе продолжи.

-Денеска ги прашав студентите, тие се задоволни од договорот кој го постигнавме синоќа. Имаше и други точки. На 17-ти ќе бидеме заедно со овој студентски сојуз за да поразговараме околу студентските домови во Град Скопје и сите други процедури ќе продолжат во оваа форма на меѓусебна комуникација-изјави Шаќири.

ТВ21 контактираше со еден од студентите кој е дел од движењето „Студентски отпор“. Тој не сакаше да говори пред камера, но рече дека се организирале спонтано и дека делумно не се согласуваат со постигнатиот договор. Тој уверува дека маршот нема политичка заднина и додава дека е отворен за сите студенти.

Инаку, по синоќешната средба во Собранието меѓу претставниците на студентските собранија, пратениците и министерот за образование, Јетон Шаќири, а на која присуствуваше и премиерот, Димитар Ковачевски, беше договорено студентите да добијат субвенции за студентски оброк според старите услови и до март работна група да изготви системско решение за нов закон. На средбата беа разгледани и други аспекти на студентскиот стандард, пред сѐ подобрувањето на условите за престој во студентските домови.