Најмалку 15 лица загинаа, а 26 се повредени во судир меѓу брод на грчката крајбрежна стража и брод што превезувал мигранти во Егејското Море, во близина на островот Хиос, објавија грчките медиуми. Според официјалните информации од крајбрежната стража, повредени се седум мажи, седум жени и 11 деца.
Досега се пронајдени 11 тела на мажи и четири жени, а во тек е операција за пребарување и спасување за да се пронајдат сите исчезнати лица.
Според соопштението на крајбрежната стража, несреќата се случила кога глисер што превезувал мигранти се судрил со брод на крајбрежната стража, под околности кои сè уште се истражуваат.
„Патролен брод на крајбрежната стража забележал брод со околу 35 мигранти. По предупредувачките светла и звучните сигнали, шверцерите се упатиле кон бродот на крајбрежната стража и предизвикале судар“, се вели во соопштението на Капетанија на пристаништето на Хиос.
