„Мојот татко работеше овде 40 години, јас работам овде, претходно работев во приватни фирми, има 10 години работно искуство и сега ќе ме избркаат од работа. Не знам каде да одам. Овен мојот татко, работеше и мојот дедо.“
Дехар е третата генерација на семејството како работник во „ Железници на РСМ – Транспорт“. Му истекол договорот за работа и сега постои опасност да остане без работа. Неговата желба е да продолжи да работи во местото каде работеле неговиот татко и дедо.
„Да, имам желба да работам, не сакам ни повисока функција, само да ме остават таму каде што бев досега.“, вели Дехар Дехари.
И 31 друг работник на кои договорот за вработување им истекува, се плашат дека ќе останат без работа. Тие тврдат дека станува збор за политичка одмазда бидејќи со ова претпријатие сега раководи кадар на Движење Беса, а претходно раководеше Орхан Муртезани од Алтернатива.
Тие се собраа пред главниот влез на претпријатието за да го изразат нивниот револт.
„Директорот на Движење Беса, која е претопена во СДСМ, продолжува политички да им се одмаздува на вработените во Железница, кои се вработени во периодот на екс директорот, Орхан Муртезани.“.
„Ова претставува директна политичка одмазда. Овој Аднан сега има храброст да ги избрка од работа и војниците на ОНА.“
Побарале средба со директорот, но такво нешто не се случило.
Директорот на Железници Транспорт, Аднан Азизи вели дека сите вработени на кои им завршува договорот за вработување да аплицираат и нивните пријави ќе бидат разгледани.
„Се работи за 32 работници, кои биле вработени со договор на дело, од 12 февруари и договорот им истекува на 31 овој месец, односно утре. Сакам да објаснам нешто, ние како управа и јас како директор не сум избркал никого од работа ниту сум прекинал нечиј договор. Ние сме ја утврдиле состојбата врз основа на претходно направениот договор. Сега зборуваме за нов конкурс кој е отворен и рамноправен за сите тие кои ќе се пријават.“, вели директорот на МЖ-Транспорт, Аднан Азизи.
Протестот на вработените, директорот Азизи ги нарече политички мотивирани. Рече дека моментално е отворен конкурс за 32 работни места, а се пријавиле 107 кандидати.
