Судењето за „Комунална хигиена“ сѐ уште во мирување! – Алиспахиќ: Обвиненијата против Рустеми и Саити се политички мотивирани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Веќе три месеци во исчекување на почетокот на судењето се поранешниот в.д. директор на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, Сабахадин Рустеми, и менаџерот за отпад, Аки Саити. Иако 45 дена поминаа зад решетки за време на истражната постапка, Обвинителството сега го достави обвинителниот акт до Кривичниот суд за двајцата обвинети, поради несобирање на отпадот во главниот град за време на изборната кампања.

„На 28 октомври 2025 година, поради сомнение за кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад, Кривичниот суд одреди мерка притвор од 30 дена за поранешниот в.д. директор на ЈП „Комунална хигиена“, Сабахадин Рустеми, и Аки Саити, менаџер за отпад, поради ризик од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото“, велат од Кривичен.

Притворот подоцна им беше продолжен за уште 15 дена, сѐ до неговата замена со мерки на засилен надзор со обврска за редовно јавување. За овој случај се очекува судските рочишта да започнат кон крајот на февруари. Одбраната на двајцата обвинети, адвокатот Асмир Алиспахиќ, изјави дека овие обвиненија биле политички мотивирани во предизборниот период за локалните избори. Тој наведува дека имало притисок за забрзување на овој судски предмет.

„Се надевам дека од страна на одбраната, која до овој момент не може да ја изнесе својата теорија за случајот сѐ до почетокот на судската постапка, поради зачувување на професионалниот кредибилитет и на одбраната и на обвинетите. Ова ќе го кажеме на почетокот на постапката во судот, но мојот став во овој дел е многу јасен – сметам дека во еден момент се избрзало под притисок за да се расчисти целата ситуација, која според мене имаше политичка заднина. Сепак, ќе можете да следите и да видите дали тоа е вистина или не, за време на процесот што очекуваме да започне“, вели Асмир Алиспахиќ.

Според обвинението, Сабахадин Рустеми и Аки Саити се сомничат дека сториле кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад, бидејќи постапувале спротивно на Законот за управување со отпад и основната дејност на претпријатието за редовно собирање и транспорт на комуналниот отпад на територијата на Град Скопје. Вонредните инспекциски контроли и мислењето на експертите од Институтот за јавно здравје потврдиле дека ваквото управување со отпадот предизвикало штети врз почвата, воздухот и водата, со потенцијален ризик и за здравјето на граѓаните.