Судиите до премиерот: Ја преминавте границата – Мицкоски врати: Ќе добиете буџет, но ќе бараме одговорност како ги трошите парите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека реформите што се бараат се за зголемување на платите и ироничната забелешка дека ако треба и тој ќе ја донира неговата плата стигна реакција од судиите и обвинителите. Преку заедничко соопштение од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии тие му забележаа дека коментарите упатени од него за судската фела биле понижувачки, со, како што велат единствена намера вкупните состојби во државата да се префрлат како вина на судиите. Со вашите коментари го нарушување демократскиот принцип на судската власт која е уставна категорија, а Уставот и независноста на судската власт треба да се почитува, се наведува во соопштението.

-Веќе подолго време вашите коментари кои ги давате за судиите и судството ја преминаа границата на доброто однесување и преминаа во неаргументирани и паушални напади. Последниот извештај на Европската комисија, јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт. Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност, велат од Судски совет, Врховен суд и Здружение на судии.

Но во однос на вчерашниот став, денеска премиерот рече дека ќе им ја овозможи финансиската независност односно да добијат сопствен буџет и тоа до крајот на годинава, но дека и строго ќе се контролира како тие ги трошат парите.

Ќе го добијат тоа. Еве јавно кажувам ќе го добијат тоа откако ќе ја направиме деталната анализа како е тоа во современите земји. Сами нека вработуваат, сами нека унапредуваат, сами нека се грижат за сите оперативни трошоци. Сами нека си даваат плата во рамките на буџетот, кој што ќе биде процент онаков каков што е во неколку примери кои што ги дефиниравме. Само една работа ќе бараме – одговорност, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Во Извештајот на Европската комисија беше нотирано дека е потребна финансиска независност на судиите и обвинителите. Државниот обвинител Љупчо Коцевски пак деновиве се пожали дека веќе неколку години нема никакво вработување и работат со една третина од потребниот кадар.