Опозициската СДСМ тврди дека преку јавните набавки се создава затворен круг на компании кои добиваат милионски договори од институциите и општините под контрола на власта. Според партијата, компании како „Ленди Груп“, „Пирамид Билдинг Солушнс“ и „Масев“ постојано добиваат градежни проекти, додека за надзор и проектирање се повторуваат истите две фирми.
-Овие компании, привилегирани за добивање владини тендери, имаат само две исто така привилегирани компании за проектирање и надзор. Во десетици општини и институции низ целата држава се повторува истиот модел: истите изведувачи добиваат милионски тендери, а над нив работат само две компании – МГ Проект и МБМ Архитекти, изјави Јон Фрчкоски, член на ИО на СДСМ.
Од СДСМ велат дека овој модел се повторува во повеќе општини и институции во земјата, создавајќи бизнис-шема за профитирање од јавните средства.
ВМРО-ДПМНЕ реагираше на овие тврдења, оценувајќи дека компаниите што ги спомена Фрчкоски редовно добивале тендери и од министри, директори и градоначалници од редовите на СДСМ. Во реакцијата се наведува дека Фрчкоски како откритие претставува податоци кои, според нив, се јавни и достапни преку електронскиот систем за јавни набавки.
„Сите спомнати фирми се компании кои долго време работат, регуларно се пријавуваат на јавните набавки и согласно најповолната понуда ги добиваат тендерите. Дека тука нема ниту скандал, ниту некакво откритие на АКТ на СДС зборува и фактот што истите овие компании, МГ Проект Дооел Скопје и МБМ Архитекти Дооел Скопје учествувале на јавните набавки и добивале тендери уште во периодот на власт на СДС“, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ му препорачуваат на СДСМ и на Јон Фрчкоски да се обратат до сопственото раководство, конкретно до претседателот Венко Филипче, и да прашаат за изворите на средствата за луксузните вили на Водно, како и за златната виза и станот во Дубаи.
