Судир околу правосудниот испит – Сали не се откажува од албанскиот, Филков инсистира: Испитот само на македонски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По изјавите на првиот вицепремиер Беким Сали во синоќешното издание на емисијата „Клик Плус“, реагираше министерот за правда Игор Филков. Тој останува на ставот дека правосудниот испит треба да се полага на македонски јазик, бидејќи, според него, овој испит служи за проверка на познавањето на македонскиот јазик. Министерот Филков вели дека не држи ставот на Сали дека Министерството за правда нема аргументи за одбивањето на петицијата на студенти Албанци, додавајќи дека функционерите мора да го почитуваат законот и Уставот, и дека, според него, „сè друго е притисок и нема да помине“.

„Затоа, тезата дека Министерството за правда ‘нема аргументи’ е неточна и политички мотивирана. Аргументите се јасни, уставни и законски. Она што недостасува во изјавите на вицепремиерот е почитта кон правниот систем во целина. На крај, дозволете ми да упатам порака до г. Сали. Почитуван колега, Уставот не е тема за телевизиски емисии, ниту средство за политички наративи, а правдата не смее да биде заложник на каква било агенда. Владата има за цел да воспостави ред по годините на институционална распаднатост, да спроведе реформи, а не да произведува конфликти.“, изјави Филков.

Инаку, првиот вицепремиер Беким Сали, во синоќешната емисија „Клик Плус“, истакна дека правата гарантирани со Уставот немаат потреба да се повторуваат во секој закон или правилник, бидејќи тие треба автоматски да се применуваат од институциите. Сали информираше дека имал комуникација со министерот за правда, но од негова страна немало разбирање. Тој нагласи дека барањето на студентите има уставна основа и дека одбивањето не е поврзано со недостиг на правни аргументи, туку со недостиг на волја.

„Ние велиме дека Уставот мора да се почитува и дека не треба во секој закон или во правилниците на различни институции да се запишува истото, бидејќи ако нешто е запишано во Уставот, тоа автоматски се инкорпорира во понатамошната пракса на институциите и ние ќе стоиме зад тоа. Студентите ќе ја имаат нашата максимална поддршка. Јас имав комуникација со министерот; за жал, немаше разбирање. Побарав да се почитува ова барање, бидејќи има уставна основа. Кој беше одговорот? Меѓу редови забележав дека нема волја – тука не станува збор за аргументи. Очекувам Министерството да покаже разбирање; ако не покаже, ќе постапиме соодветно. Ќе организираме средба за да го убедиме дека како министер за правда, најнапред треба да го почитува Уставот, а потоа ќе бараме и од граѓаните да го почитуваат“, рече Сали.

Во меѓувреме, член 2 став (3) од Законот за употреба на јазиците предвидува дека: „Во институциите на државната власт во Република Македонија, од член 1 став (3) од овој закон, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, и тоа во: комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт (Собранието на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, судството, јавното обвинителство), Уставниот суд на Република Македонија и во другите институции во државата.“