Судир за инвестициите во Тетово – ДУИ обвинува, ВЛЕН враќа со контра реакција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Изградбата на стадионот во Тетово, жичарницата и реконструкцијата на историските објекти предизвикаа судир меѓу двете политички партии – ДУИ и ВЛЕН. Пратеничката на ДУИ, Рина Ајдари, обвини дека парламентарното мнозинство ги одбило нивните амандмани за обезбедување средства за овие проекти преку ребалансот на буџетот.

„Тие одбија 250 милиони денари за завршување на стадионот во Тетово, проект кој долго го чекаа љубителите на спортот и младите во градот, а кој градоначалникот на општината, Билал Касами, го претвори во голема предизборна измама. Одбија и 620 милиони денари за жичарницата на Попова Шапка, проект кој ќе го олеснеше сообраќајот во зима и ќе го развиваше планинскиот туризам. Исто така, одбија 50 милиони денари за реставрација на Тетовската тврдина и теќеата „Арабати Баба“, кои се културно-историско наследство“, изјави Рина Ајдари, пратеничка на ДУИ.

Но градоначалникот на Тетово, Билал Касами, ги нарече обвинувањата комични, бидејќи, како што посочи, ДУИ имала 20 години можност да ги реализира овие проекти.

„За да не биде трагично, е комично. Имаа 20 години централна и локална власт, а дури сега, кога оваа влада и оваа локална власт презедоа конкретни чекори за инвестирање во двата капитални проекти за Тетово. Поточно, градскиот стадион се гради со предвидената динамика, почитувајќи ги и роковите од договорот за завршување на стадионот. Што се однесува до жичарницата, доаѓањето на оваа влада во соработка со општината за првпат овозможи сериозна инвестиција на Попова Шапка, која нема да биде само жичарница, туку ќе биде инвестиција што Попова Шапка ќе ја претвори во модерна туристичка дестинација“, изјави Билал Касами, градоначалник на Тетово.

Инаку, Општина Тетово минатата година започна со реконструкција на стадионот со сопствени средства. Според договорот, стадионот треба да биде завршен во 2027 година и има вредност од 10 милиони евра.