ВЛЕН веќе е многу блиску до финализирање на спојувањето во една политичка партија. Сепак, незадоволства има околу договорот Изет Меџити и Биљал Касами да бидат копретседатели. Aрбен Фетаи од фракцијата на Алијанса за Албанците инсистира на опцијата лидерството да биде со едногодишна ротација, но не сите членови на оваа фракција се согласуваат со неговите ставови. Тоа се виде синоќа на една вечера на која присуствуваа сите освен Фетаи, додека Азир Алиу не негираше дека има судири.
„Што се однесува до судирите, судири имаме и дома и во маало и на работа каде што работиме, така што тие се многу здрави процеси, демократски процеси кои можеме да ги имаме во секоја политичка организација.“, вели Азир Алиу.
Го прашавме Фетаи дали министерот Азир Алиу и пратеничката Мимоза Муса се дистанцирале од него, а тој рече да се обратиме кај нив. Ниту Алиу ниту Муса не одговорија на прашањата на ТВ21.
Но, не е само Арбен Фетаи — неофицијално се дознава дека и Алтернатива засега не се согласува со идејата партијата да ја водат двајца претседатели.
Блерим Сејдиу од движењето БЕСА изјави дека тие треба да ги надминат дневно-политичките хирови.
„Јас велам дека тие ќе го најдат патот и здравиот разум за да се надминат себеси и да ги надминат тие дневно-политички хирови.“, вели Сејдиу.
Инаку, на синоќешната вечера организирана од огранокот на АА во Врапчиште, присутен беше и пратеникот Илир Демири, за кого веќе се зборува дека ќе му се приклучи на ВЛЕН. Во меѓувреме, Арбен Фетаи за вечерва најави вонредна средба со партиските структури, на која се очекува да се донесе финална одлука во врска со спојувањето во ВЛЕН.
