Судот одреди притвор за тројца од кумановската група, на нотарот му го одзеде пасошот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Мерки за обезбедување присуство им се одредени на четворица осомничени во истрагата за криминалната група од Куманово, чии членови се сомничат дека изнудувале пари од граѓани и се занимавале со перење пари. Судот одлучил двајца од осомничените да бидат во ефективен притвор, еден во куќен притвор, а четвртиот да се брани со мерки на претпазливост.

Според информациите од Основниот кривичен суд Скопје, притвор им е определен на Д.П. и М.К. поради опасност од бегство, можност за повторување или довршување на кривичното дело, како и ризик од влијание врз сведоци и попречување на истрагата.

Осомничениот Л.К. ќе биде во куќен притвор, додека за Д.Ж. е определено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, со што му се ограничува можноста за преминување на државната граница.

Во предметот е опфатен и нотар, кој се сомничи за несовесно работење во службата. Според досегашните наводи на истрагата, преку неговата канцеларија биле заверувани договори за заеми и купопродажби со фалсификувани потписи, меѓу членовите на групата и лицата кои биле оштетени. И на нотарот, по предлог на Обвинителството, му е одземен пасошот.

Обвинителството ја проширува истрагата и кон уште едно лице кое не е достапно за органите на прогонот. Претходно од ОЈО ГОКК информираа дека осомничениот подолг период се наоѓа во странство, а засега по него не е распишана меѓународна потерница.

Според истрагата, групата ги започнала активностите во 2021 година, а ја формирал жител на Куманово, кој е првоосомничен. Членовите, како што се сомничи, со закани барале пари од граѓани, најчесто од лица кои претходно земале заеми и се наоѓале во финансиска зависност.

Еден од случаите опфатени со истрагата се однесува на заем од 4.000 евра, за кој на оштетеното лице му биле побарани дополнителни 2.500 евра камата.

Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека странките имаат право на жалба против донесените решенија до кривичниот совет на Судот.