Судскиот буџетски совет одобри исплата на 15 отсто од додатоците на судската администрација, но решението не го потпиша министерот за финансии Фатмир Бесими. Тоа ја натера судската администрација повторно да протестира за да го изрази својот револт поради ниските плати и укинувањето на надоместоците.
„Да, синоќа ни беше одобрено, додека министерот за финансии носи решение дека не може да ги префрли на нашата сметка, не може да ги подели бидејќи немало средства. Еве јас споделувам со вас дека има алатки. Синоќа имавме средба со претседателот на Судскиот совет и тој не извести дека тие средства се наменети за нас. Не знам зошто министерот за финансии дојде до оваа одлука“, вели Јасмина Величкова.
Судската администрација е разочарана од одлуката на министерот Бесими бидејќи, како што посочуваат, услугите што ги даваат ја полнат државната каса, додека како „награда“ им се укинуваат надоместоците, а од друга страна, платите на функционерите се зголемени за 78%. Бараат зголемување на платите за 30 отсто,а од 1 септември најавуваат генерален штрајк.
„Предупредувам на генерален штрајк од 1 септември каде исто така ќе ги блокираме патиштата и нема да може да се издаваат потврди за лица кои не се осудени, ниту апостил, ниту за трето дете, а потоа ќе види каде одат овие пари“, додава Јасмина Величкова.
Рената Георгиевска, потпретседател на Здружението за судска администрација, рече дека е потребен нов закон за судскиот буџет.
„Реформите во судската власт мора да започнат од судската служба, затоа апелираме и бараме поддршка од Судскиот буџетски совет и од здружението на судии за воведување нов закон за судскиот буџет, со кој судството ќе има независен буџет и донесување нов закон за судска служба, со кој статусот на судската служба ќе се регулира така што ќе одговара на нејзината работа, должност, права и одговорности“, вели Рената Георгиевска.
За тоа зошто министерот Бесими не го потпиша решението за покачување на платите, побаравме став од министерството за финансии, но одговор не добивме. Денеска протест имаше и во повеќе судови и тоа: Битола, Охрид, Струга, Штип, Тетово, Свети Николе. Судската администрација не се согласува со зголемувањето на платите од 10 отсто што го договорија Владата и Синдикатот, а не се согласуваат ниту со К-15 во износ од 10 илјади денари.
