„Судски совет се скандал мајстори“ – Претседателката Сиљановска ја поддржува интерпелацијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И претседателката Гордана Силјановска Давкова е на ист став со премиерот Мицкоски во однос на интерпелацијата, но и очекувањата членовите на Судскиот совет потоа да си поднесат оставки. Неприфаќањето на извештајот на работата на Судскиот совет од страна на Собранието е еден чекор во нивното делегитимирање, вели претседателката и додава дека Собранието како орган кој ги бира судиите треба и да ги разреши.

„Одговорни членови на Судски совет веднаш би поднеле оставка по скандалите што се случуваа, а тие таму се избрани не за да бидат судски скандал мајстор туку да оневозможуваат било какво скандализирање на независната судска власт. Еве уште очекувам да бидат доблесни и да го сторат тоа“, вели Гордана Сиљановска Давкова.

Премиерот Мицкоски ги повика пратениците за интерпелацијата на членовите на Судски совет да гласаат онака како што сметаат дека треба да гласаат, а очекува претходно да има и критичка дискусија.

„Јас очекувам членовите на парламентот да гласаат онака како што мислат дека треба да гласаат во однос на интерпелацијата на членовите на Судскиот совет кои што се нивна ингеренција, односно нивниот избор е под ингеренции на самиот парламент. Мислам дека има многу основа за една критичка дискусија и дебата, а секој од парламентарците треба да си одлучува според своја волја и онака како што мисли дека треба да одлучи“, вели Христијан Мицкоски.

Претседателот на Собранието Африм Гаши вчера и официјално ги извести петте членови на Судскиот совет кои се избрани токму од законодавниот дом Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Павлина Црвенковска, Селим Адеми и Тања Чачарова Илиевска дека за нив е поднесена интерпелација, а расправата се очекува да се одржи на почетокот на март.