Потребно е задолжително да покажеме поголема подготвеност во решавање на предметите, во оценување на работата на судиите и да покажеме подготвеност за примена на владеење на правото, изјави поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Стразбург Маргарита Цаца Николовска во емисијата „ЕУклик“ на ТВ21. Одговорајќи на прашањето за тоа колку сме ние спремни за почнување на преговори со Европската Унија, таа посочи дека ова е особено важно, не само за целокупниот живот во општеството, туку и во судството.
„Да се надеваме дека меѓувладината конференција ќе се отвори, ќе почне да се работи на преговорите кои треба да не внесат во семејството на ЕУ, и мислам дека тука ќе имаме доста работа. Констатирано е тоа што е, прво нивото е одредено на средина дека имаме некој напредок, но ќе треба задолжително да покажеме поголема подготвеност во решавање на предметите, во оценување на работата на судиите, да покажеме подготвеност за примена на владеење на правото, кое е особено важно, не само целокупниот живот во општеството, особено во судството кое како што реков, довербата не е на високо ниво.“, вели Цаца-Николовска.
Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека власта има домашна задача да сороведе реформи во судството, а тоа ќе го направи како што рече, само ако ги тргне рацете од него.
„Имате судии кои што досудуваат над 200 години затвор за луѓе, а кој што потоа се унапредени во уставни судии, чудно, магично избрани. Имате обвинители кој што велат дека имаат личен анимозитет кон ВМРО ДПМНЕ, но ќе не можат да спијат од него, а се оставаат да бидат јавни обвинители на највисоките функции и да гонат предмети против највисоките функционери на ВМРО ДПМНЕ.“, рече Андоновски.
Дека е потребна сериозна реформа на судството, се согласи и Лидија Димова од СДСМ.
„Потребна е сериозна реформа на судството, ветингот во Албанија покажа резултати, но кај нас не е соодветен инструмент, односно мислењата се поделени“, изјави Димова.
Лидерите на ЕУ формално го усвоија заклучокот со кој на Северна Македонија и се дозволува отпочнување на пристапните преговори со ЕУ. Најпроблематичните теми во земјава ќе бидат ставени први на мени во европските преговори. Нашата земја ја чека огромна работа во наредниот период, особено кога долгото патување ќе почне со поглавјата за владеење на правото, слободата на изразувањето, медиумските слободи, борбата против корупцијата.