Суспендирана обвинителката Вилма Русковска, оставка поднесе директорот на финансиска полиција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески ја суспендираше од работа обвинителката Вилма Русковска, а против нејзините колешки Елизабета Јосифовска и Ивана Трајчева поведе дисциплинска постапка.

Како причина за суспендирањето се наведува „тешка дисциплинска повреда“, а поводот е претресот во Финансиската полиција.

„Да, времено сум отстранета од работното место“, рече Русковска за ТВ21.

Од јавното обвинителство преку маил информираа за дисциплинските постапки.

„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда“, велат од ЈО.

Попладнево пак оставка од функцијата поднесе директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми.

„По своја сопствена волја се повлекувам од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција. Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Денешната одлука на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија даде јасна порака дека законите мора сите да ги почитуваат и дека злоупотребите на функциите за лични цели се недозволиви.“, соопшти Муареми.

До суспензијата на шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска додека по претресите кои беа направени во Финансиската полиција и канцелариите на Арафат Муареми. Тогаш, обвинителката Русковска испрати и писмо до меѓународната заедница.

„Јас како обвинител со стаж од повеќе од 34 години во кои обвинител за организиран криминал од самото основање на Одделението за организиран криминал на ЈОРМ далечната 2004 година, нема да дозволам лице за кое се проверува постаоувањето да ми го валка образот и честа кои долги години макотрпно сум ја градела. Честа, угледот и почитта ги имам научено од мали нозе, од моите родители кои и двајцата се бореле со фашистите. за денешна слободна и независна Македонија.“

Таа тогаш ги повика и амбасадите и меѓународните организации со претставништво во земјава да превземат соодветни чекори.

„Ги повикувам сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади пред се Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ еднаш засекогаш да се проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот.“

Сега Русковска во рок од осум дена од приемот на решението за дисциплинска повреда може да се жали до Советот на јавните обвинители. Доколку Советот не ѝ ја усвои жалбата, таа ќе биде разрешена од функцијата.