Сведочеа Блерим Беџети и Муса Џaфери – дали имале сознанија функционерите на ДУИ за „Монструм“?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За случајот „Монструм“ сведочеа Блерим Беџети и Муса Џафери, кои во времето кога се случи петкратното убиство, беа дел од Владата од редовите на ДУИ.

Двајцата не се сеќаваа на детали од „бомбите“ каде се слуша нивниот глас, затоа на рочиштето тие беа прочитани.

На Беџети му беше прочитана „бомбата“ со екс министерката на МВР, Гордана Јанкуловска и две со Хаки Азири. Тој рече дека бил загрижен по случајот да не дојде до нарушување на меѓуетничките и меѓурелигиозните односи, а изјави дека за случајот ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ имале различни гледишта.

„Самиот факт дека ДУИ и денес бара за овој и за други да има повторно судење и да се вклучат  релевантни и меѓународни институции, покажува дека има разлики меѓу нас. Тие разлики ние сметавме и сметаме дека пред се се здрави за државата и правдата за да се избегнат разликите и да се зголеми довербата на сите граѓани кон правните органи“, вели Блерим Беџети.

Прашан – дали потпишал одлука за екстрадиција на Агим Исмаиловиќ и Алил Демири, Беџети рече дека делувал согласно законските надлежности. Но, роднина на обвинетите во „Монструм“, Бедри Ајдари, има поинакво мислење.

„Грешките на претходното правосудство се причина за не екстрадицијата, бидејќи се казнети, практично, по нечија наредба, а не по судска наредба“, додава Бедри Ајдари.

Сведочеше и екс вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Муса Џафери. Нему му беа прочитани „бомбите“ каде се слуша како разговара со лидерот на партијата, Ахмети. Во текот на разговорот  тој спомнува “стројник„ додека зборува за „Монструм“.

Прашан – дали некој отишол кај него како “стројник„ за случајот, Џафери рече не, и ја коментираше „бомбата“.

„Се обидувам да мислам врз основа на тоа што го прочитавте во нелегално снимените разговори и да Ви кажам што може да има меѓу мене и Ахмети. Не, не, не се сеќавам дека сум имал стројник од сопартијците“, истакна Муса Џафери.

По рочиштето, Џафери рече дека овој настан бил многу трогателен и дека е нормално да разговарал со сопартијците.

Од друга страна, Насер Рауфи, ги отфрли можностите овие искази да дадат некаков придонес во судската постапка.

„Од овие искази, не, според мене“, вели Насер Рауфи.

Случајот продолжи со сведочењето на Зоран Трајковски, полициски службеник кој во „бомбите“ се слуша како му кажува на друго лице и објаснува дека Синиша Алексовски го известил дека пред 12 април може да се случи немил настан. Случајот „Монструм“ се случи на 12 април 2012 г. каде беа убиени 5 момчиња.