Судското рочиште за пожарот во модуларната болница во Тетово продолжи со сослушување на сведоците кои биле во просториите на болницата во моментот кога избувнал пожарот. Сведокот Минивере Абдули, вработена во болницата, рекла дека во критичниот момент кога избувнал пожарот, им делела терапија на пациентите.
„Во тој момент бевме на работа и се делеше терапија, имавме пациентка во тешка состојба и почна пожарот, имаше чад. Таа пациентка почина, отидов да побарам помош и за две-три минути се прошири пожарот и не можев да се вратам во собата“, вели Минивере Абдули.
Билјана Ѓорѓиевска, медицинска сестра, рече дека таа ноќ била во собата број 3 каде и избувнал пожарот. Во таа соба имало еден пациент во тешка состојба.
„Во 19 часот дојдов на смена и делевме терапија. Во соба број 3 имаше пациент и видов оган што се шири многу брзо. Двајца лекари и две медицински сестри. Имаше придружник за пациентот и тоа беше татко му. Немаше други придружници. Вратата беше затворена од внатре. Не пуштав ниеден пациент да влезе внатре. Имаше апарати за гаснење на пожар во чекалната“, порача Билјана Ѓорѓиевска.
Катица Димовска, мајката на настраданата Марија, рече дека ноќта кога избувнал пожарот била со нејзината ќерка која боледувала од церебрална парализа. Таа рече дека пожарот што избувнал во просторијата каде што била и дека се проширил многу брзо, во рок од две минути.
„Имаше напад и беа повикани лекарите. Дојдоа да помогнат и слушнав експлозија и видовме пожар. Огнот ја зафати девојката и се обидовме да го изгасиме огнот врз неа. Двајцата стигнавме до ходникот и се обидовме да ја извлечеме, вратата беше далеку, мажот ја отвори вратата со нога и ја изнесовме, тој имаше инвалидска количка и ја однесовме и девојката најверојатно починала во меѓувреме“, вели Катица Димовска.
Пред почетокот на рочиштето голем број граѓани дојдоа да му дадат поддршка на лекарот Бобан Вучевски.
Следното рочиште ќе се одржи на 2 март, а за пожарот во модуларната болница обвинети се поранешните директори Фљорин Бесими и Артан Етеми, одговорен за модуларната Бобан Вучевски и Клиничката болница Тетово. Во пожарот што ја зафати Модуларната болница во Тетово на 8 септември 2021 година животот го загубија 14 лица.
