Снежана Николовска, вештакот кој ја направил анализата на земјата каде се случило петкратното убиство кај Смилковско езеро, сведочеше по четврти пат за случајот Монструм. Но овој пат имаше неколку контрадикторности во нејзиното сведочење. Зборуваше за работи кои претходно не ги спомнала. Во вештачењето за земјата на Смилковско езеро и Враживир има неточни податоци, или поинаку кажано, таа додала неколку делови од извештајот. Обвинителката, Фатиме Фетаи, ја праша дали е свесна дека станува збор за лажен документ и по чија наредба го направила тоа. Сведочењето на Николовска може да го врати целосно правецот на истрагата и да влијае на одолговлекување на предметот.
„Елементарниот состав на земјата и гранулацијата се вишок, јас ги ставив. Не е по ничија наредба. Немам објаснување за ова.“, рече Николовска.
Таа истакна дека во овој случај направила исклучок и самата била кај местото Враживир (каде е пронајдено возилото Опел Омега) за да земе примерок од земјата. Нејзиниот распит заврши денеска, со одлука во следните пет дена да достави додатни записи за вештачењето и примерокот и лиценцата за работа.
Адвокатот на одбраната, Насер Рауфи, рече дека сведочењето на вештакот го потврди ставот на одбранат дека случајот „Монструм“ е монтиран. Рауфи додаде дека ќе покренат постапка против вештакот за фалсификување на вештачењето.
„Самиот вештак, Снежана Николовска призна дека државата нема никаков метод за анализирање на земјата, тоа е тешка анализа. Таа призна дека во текот на експертизата користела само компаративна метода, значи само бојата на земјата од Смилковско езеро и Враживир. На нашите прашања, но и за прашањата на обвинителството, таа призна дека го фалсификувала нејзиниот извештај, значи не направила анализа на елементите од местото. За тоа фалсификување, ние како одбрана ќе покренеме кривична постапка против вештакот.“, рече Рауфи.
Адвокатот на семејството на жртвите, Дафина Ивановска, рече дека вештакот не рече дека таа земјата не е всушност од земјата која што таа ја анализирала.
Со предлог на одбраната, денеска сведочеше и раководител на групата „Алфи“ и тогашниот главен инспектор за технички криминал. Следното рочиште за случајот Монструм е закажано за 16 октомври, каде е предвидено да се претстават докази од одбраната.