Глобалните воени трошоци достигнаа 2,72 трилиони долари во 2024 година. Ова е зголемување од 9,4 отсто во споредба со 2023 година и е најголем скок барем од крајот на Студената војна, се вели во извештајот на водечки тинк-тенк, објави Ројтерс.
Зголемените геополитички тензии доведоа до зголемени трошоци за одбрана во сите региони во светот. Растот е особено голем во Европа и на Блискиот Исток, покажуваат податоците на Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (СИПРИ).
„Над 100 земји ширум светот ги зголемија своите воени трошоци во 2024 година“, соопшти СИПРИ. „Со оглед на тоа што владите сè повеќе даваат приоритет на воената безбедност, често на сметка на други буџетски области, економските и социјалните компромиси би можеле да имаат значителни последици за општествата во годините што следат“, додава организацијата.
Војната во Украина и сомнежите за посветеноста на САД кон НАТО доведоа до зголемување на воените трошоци за 17 отсто во Европа (вклучувајќи ја и Русија). Така, трошоците за одбрана на континентот ги надминаа нивоата забележани на крајот на Студената војна.
Русија потроши 149 милијарди долари за целта во 2024 година, 38 отсто повеќе отколку во 2023 година и двојно повеќе од 2015 година. Ова претставува 7,1 отсто од БДП и 19 отсто од вкупната државна потрошувачка на земјата.
Вкупните воени трошоци на Украина се зголемени за 2,9 отсто, достигнувајќи 64,7 милијарди долари. Ова е 43 отсто од трошоците на Русија и 34 отсто од БДП на Украина, што ја прави земјата што троши најголем дел од своите пари за одбрана во 2024 година.
„Украина во моментов ги распределува сите свои даночни приходи за својата војска“, соопшти СИПРИ. „Со толку мал финансиски тампон, на Украина ќе и биде тешко да продолжи да ги зголемува своите воени трошоци“, додава организацијата.
Воените трошоци на САД се зголемија за 5,7 отсто на 997 милијарди долари, што е 66 отсто од сите трошоци на НАТО и 37 отсто од глобалните воени трошоци за 2024 година.
