Светска Банка: Пад на економијата од 4,1 проценти – Бектеши: Па тоа е оптмистички, владините прогнози се понегативни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пад од 4,1 процент на економијата прогнозира Светска банка за Македонија во најновиот извештај за Европа и Централна Азија. Според министерот за економија Крешник Бектеши, ова е дури и пооптимистичко сценарио од владиното.

„Колку што видов тие имаат пооптимистичко сценарио, поради тоа што предвиделе пад од  4,1 проценти, а ние со последните измени и со усвојување на Ребалансот сме предвиделе пад од 4,4 проценти.“, изјави Бектеши.

Во извештајот, Светска банка констатира проблем  и  со  побарувачката и синџирите на снабдување. Сериозен проблем  преставуваат и приватните инвестиции ,бидејќи како што стои во извештајот, инвеститорите во услови на пандемија се борат со нивните загуби и со недостиг на ликвидност. Првиот човек во министерството за економија  истакна дека и Владата во изминатиот период работела токму на овие проблеми.

„Што се однесува до инвестициите и намалувањето на бруто инвестициите во државата, веќе сме при крај и Комисијата не известила дека веќе ги прегледала сите апликации за нашите компании кои ќе добијат 25 проценти поврат  од сите инвестиции“, вели Бектеши.

Бектеши  е оптимист дека државата ќе забележи пад од 4 проценти и се надева дека ќе се исполнат предвидувањата на Светска банка каде веќе за наредната година на државата и се предвидува зголемување на БДП. Она што е најбитно според министерот за економија  е зачувување на работните места и инјектирање на дополнителни финансиски средства за поттикнување на ликвидноста на компаниите. Инаку Светска банка за наредната година предвидува дека економијата во државата ќе се врати на патеката на раст од 3,6 проценти а во 2022  од 3,5 проценти.