Светско чудо во Палермо – Македонија на сите спортски насловни страници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Светско чудо во Палермо, трагедија на Италија, епска победа на Македонија, европскиот првак шокиран, Македонија ја елиминираше Италија. Ова се само дел од насловните страници на спортските медиуми ширум Европа, па и светот. Победата од 1:0 на македонската фудбалска репрезентација во Палермо против Италија е наречена како светско чудо.

Само најголемите фанови веруваа во успех, иако и останатите потајно се надеваа на изненадување. Случајно или не, победата над Италија доаѓа по точно една година од оној голем успех против Германија на гостински терен од 2:1, победа која веројатно ни го донесе овој бараж за пласман на СП. Во месец март, минатата година, македонската фудбалска репрезентација шокираше уште еден великан во овој спорт, а тоа беше Германија.

„Уште сум во некаков нок-даун. Не знам, навистина што се случи, ама знам дека падна европски шампион среде Италија. Верувале или не тоа е вистината. Јас се надевам дека и јас ќе доживеам еден пречек во Скопје пред полн плоштад“, истакна Стефан Ристовски.

Новинар: Да продолжиме Стефан. Играше во Италија, ја победивме Италија. Играше и во Португалија, дали ќе ја победиме Португалија.

Стефан Ристовски: Верувајте дека ќе ги победиме.

„Два шута еден гол, искрено тактиката не беше таква, за да имаме само два шута. Пред се, честитки за Италија за сето она што го покажаа и направија на Европското првенство, но како што кажав пред натпреварот, Македонија можеби ние сме мала држава, но со големо срце и силен менталитет. Тоа на најдобар можен начин овие момци го покажаа“, посочи Благоја Милевски.

Сега претстои неколку дена одмор, па во вторник против Португалија на гостински терен следува финалната пресметка за пласман на Мундијалот во Катар. За овој меч ќе се вратат Елиф Елмас и Костадинов, кои не беа во комбинација за натпреварот со Италија.