Регионалниот пат Кичево-Дебар, поточно од кичевското село Извор до Дебарскиот мост, сè уште не е завршен! Причината е тоа што компанијата која ги изведува работите наишла на тешкотии со одрон на земјиштето. Дел од патот е асфалтиран, но свлечиштето го зафатило патот на повеќе места. За целосно да биде пуштен во употреба, треба да се постават потпорни ѕидови. Но, министерот за транспорт Александар Николоски уверува дека ќе биде завршен, иако не даде конкретен рок.
„Таму добро оди, иако наследивме големи проблеми, како и на автопатот Кичево-Охрид, имавме и таму проблеми со свлечишта. Станува збор за добар проект бидејќи многу ќе се скрати патувањето, нема да има потреба да се патува преку Маврово. Тоа е проект што ќе го завршиме во наредниот период, ќе има дополнителен јавен повик за да се тендерираат работите што претходно не биле предвидени и да се заврши“, порача Александар Николоски.
Во однос на оштетувањето на изворите на реката Треска во селото Извор, Николоски рече дека се работело според високи стандарди, отфрлајќи ги тврдењата на еколошките активисти.
„Овде имаме поврзување кое е во близина на реката Треска и се работеше според сите еколошки стандарди, иако се зборува за место кое не е многу населено, беа изработени специјални резервоари за вода со цел да се направи целосна заштита и немаше водовод, се изгради, а немаше ниту канализација и не знам зошто претходно не реагирале еколозите“, вели Александар Николоски..
Патот Кичево-Дебар е долг 18,8 километри и претставува инвестиција од околу 20 милиони евра. Работите започнаа во 2021 година и беше предвидено да завршат во рок од 24 месеци. Но, помина и половина од 2026 година, а работите сè уште не се завршени.
