Таа е пратеничка, а нејзината мајка нема државјанство – Предложени измените за законско решение! Партијата на Апасиев против

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Таа е пратеничка веќе неколку месеци во Собрание, а нејзината мајка нема државјанство и покрај фактот што во Македонија живее веќе 50 години. Како се живее без државјанство најдобро знае пратеничката од Куманово. Нејзината 71 годишна мајка аплицирала неколку пати за државјанство, но  била одбиена.

За да се реши ова, албанската опозиција предлага законски измени.

„Мајка ми се соочува со проблеми целиот живот. Секако дека имаше проблеми со здравственото осигурување, пензија не доаѓа предвид. Но каде е правото на глас! Поради таа причина ова барање не е ништо лично, семејно, туку е наша политичка и национална кауза за решавање на овој проблем“, истакна Сафије Садику.

Претседателот на АА, Зијадин Села, вели  дека сегашниот закон е дискриминирачки конАлбанците и треба да го поддржи секој пратеник.

„Сите овие граѓани Албанци на кои им е укинато тоа право, секако дека треба да им се даде правото. Секој политички субјект, политичар, ако имаат малку човечност, треба да мислат на тоа дека граѓанин без државјанство е граѓанин без здравствена заштита во време на пандемија и криза“, истакна Зијадин Села.

Но исто не мисли претседателот на ДПА, Мендух Тачи кој вели дека Законот за државјанство е „трик“ на Алтернатива.

„Ова е трик на Алтернатива“, посочи Мендух Тачи.

Шефот на пратеничката група на ДИУ, Изет Меџити не одговори дали ќе гласат за измените на Законот за државјанство без да ја види содржината на истиот.

„Да ја видиме содржината прво“, вели Изет Меџити.

Левица ќе го блокира предлог законот за државјанство предложен од Коалицијата Алијанса за Албанците  и Алтернатива, кој вчера беше ставен на дневен ред. Според пратеникот на Левица, Борис Крмов законот е предложен само за да добијат граѓаните паушално државјанство за потоа да се злоупотребат во изборните процеси како гласачко тело.

„Не се решава тој проблем на овој начин со спуштање на стандардите до таа мера што апсолутно не се однесуваат на ниту еден меѓународен пропис. Тука ти требаат само 3 изјави од луѓе каде ќе тврдат дека некогаш и некаде тука си живеел и си се стегнал со државјанство. Вакво нешто ова ќе биде купување на гласови и не смее да помине ако треба спремни сме и да го блокираме“, вели Борис Крмов.

Предлог законот предвидува познавање на еден од службените јазик кои се зборуваат во земјата, лицето да има документ за дозвола за престој 4 години и тројца сведоци кои гарантираат дека лицето кое бара државјанство живеело во тоа место најмалку 4 години.

Според статистиката на Алијансата за Албанците, во Северна Македонија над 60 илјади луѓе не поседуваат државјанство поради сегашниот закон, кој содржи многу апсурдни услови и барања.

Според Министерството за внатрешни работи, во земјата се познати таканаречените „фантоми“, кои не се евидентирани никаде во земјата а досега се откриени околу 800 вакви случаи.