И натаму не се откриваат детали од разговорите што се водат во тајност насочени за деблокирање на евроинтегративниот процес. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во интервју за МИА потврди дека Владата води разговори за надминување на отворените прашања кои не држат пред вратите на Европската унија, дека се уште тој процес мора да се води во тајност, но напомена дека и во тие разговори се поставени црвените линии.
„Ние не сме подготвени за попустливост по прашања поврзани со идентитет, историја, јазик и култура. И затоа, ние често зборуваме за тоа дека има разговори, ние не смееме да ги споделуваме деталите од тие разговори бидејќи ако почнеме со јавноста да ги споделуваме тогаш ги осудуваме на неуспех. Работиме на решение, но ќе повторам, не решение по секоја цена и не решение кое што само по себе нема да биде одржливо и кое што ќе создава ризици да повторно бидеме во оваа ситуација во која што се наоѓаме сега“, изјави Муцунски.
Муцунски ја повика опозицијата на поголема конструктивност како и да дава поддршка за прашања кои се важни за државата.
„Дали ни е потребен консензус? Без никаква дилема. Но, тука прво опозицијата мора да почне да живее во рамките на реалноста. А реалноста е дека нејзината попустливост и немањето капацитет далекусежно да се гледаат последиците од тоа што се случуваше во 2021 и 2022 година не доведе до оваа позиција во која што сме сега“, рече Муцунски.
Од опозициската СДСМ реагираа не само за критиките упатени до нив, туку и за начинот на водењето на преговорите.
„Не постои земја во светот во која министер за надворешните работи јавно кажува дека води разговори за судбината на државата – но тие се тајна. Муцунски вели дека за разлика од претходната влада тие не се попустливи. Да потсетиме Христијан Мицкоски го нарече Преспанскиот договор ремек дело на дипломатијата. Гордана Силјановска Давкова изјави дека националниот идентитет, јазикот и културата се целосно заштитени и апсолвирани“, велат од СДСМ.
За тоа дека се водат разговори „зад радарот“ за решение за да се почнат преговорите со Европската унија неодамна потврди и евроамбасадорот Михалис Рокас. Ваквата негова изјава дојде непосредно по посетата на еврокомесарката Марта Кос на земјава која истакна дека неопходен следен чекор за формално започнување на пристапните преговори се уставните измени.
