„Тајните имоти“ на функционерите во Клик Плус – Петрушевски: Фирма добила 12 исплати од државата од над 31 милион денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Темата со тајните имоти која деновиве ја врти ВМРО-ДПМНЕ се дебатираше во вчерашната емисија на Клик Плус на ТВ21. Бране Петрушевски од опозициската партија обвинува дека актуелни функционери не пријавуваат имот а поранешната фирма на Ковачевски добивала буџетски пари.

„Како може на институциите во државата кои што се платени ова да го работат да не им биде сомнително фирма која што вреди 7,5 милиони денари да добие вкупно во 12 исплати од државата 31 милион 586 илјади 443 денари буџетски пари на граѓаните“, вели Бране Петрушевски.

Ненад Коциќ од СДСМ вели дека ВМРО-ДПМНЕ треба да се извинат затоа што лажно ги обвинуваат функционерите на власта дека прават криминал.

„Ова што се прави од ВМРО-ДПМНЕ е едно фабрикување на случаи односно повторно изнесување на лаги со кои што сакаат да ја замајуваат македонската јавност се со цел да прикажат дека сите сме исти. За среќа не сме. Јас и СДСМ сме против било каков облик на корупција и криминал и го осудуваме“, додаде Ненад Коциќ.

Катица Николовска од Антикорупциска комисија рече дека функционерите наоѓаат начини како да го скријат незаконски стекнатиот имот.

„Она што е јавно познато во Македонија е дека додека сме на функција секој на некој начин го затскрива она што на незаконски или на нелегален начин го стекнал. Се поклонува на пријатели, се добива на подарок имот, а никој понатаму не оди да истражува дали тој дародавец навистина имал имот да го подари. Не може пензионер да подари три станови на функционер“, вели Катица Николовски.

Изминативе денови ВМРО-ДПМНЕ преку прес конференции обвини дека 123 функционери од актуелната власт не поднесе анкетни листови и имаат тајни имоти во вредност од 30 милиони евра.