Таканаречени „брзи кредити“ – 30.000 кредити од околу 200.000 не можат да се вратат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Околу 30 илјади таканаречени „брзи“ или со вистинско име потрошувачки наменски и ненаменски кредити издадени од небанкарски финансиски друштва, 15 години не можат да се вратат од страна на граѓаните. Ова значи дека нефункционалните кредити во овој сектор се движат околу 13 до 14 отсто. Во бројки, нешто под 20 милиони евра граѓаните не можат да им вратат на овие друштва. Од Групацијата велат дека поради ова се заострени критериумите за одобрување на кредите. Иако законот дозволува да се одобрат кредити до 70 отсто изложеност на граѓанинот, односно да му останат само 30 отсто од примањата за живот, ова не може да продуцира должничко ропство.

„70% е поставено тоа како граница, малку да е повисоко од банките, 50-60% е задолженост која што ја прифаќаат и банките. Кај нас останува само 10% од пазарот.“, вели Никола Јошевски, претседател на групацијата на небанкарски финансиски друшсва.

„Апликантот кој што го зема кредитот, на негово ниво е проценката на 70% презадолженост, не е на фамилијарен основ. Банките знаете дека ги земат вкупните приходи на семејството… Меѓутоа, овде се работи за индивидуална изложеност и индивидуална оптеретеност по приходот кој што го остварува на месечно ниво клиентот“, рече Биљана Мишиќ, потпретседателка на групацијата на небанкарски финансиски друштва.

Од Групацијата велат дека засега немаат сознанија за една од практиките како се злоупотребуваат повозрасни лица од членови на семејството, односно дека децата или внуците ги носат своите родители или баби и дедовци од филијала до филијала на овие друштва, и во рок од неколку часа, пред да бидат регистрирани во системот, подигаат повеќе кредити. Но, велат дека контролите се заострени и дека од денеска граѓаните ќе можат да се жалат до Комората ако не се почитува етичкиот кодекс според кои мора да работат 20 друштва кои се дел од Групацијата.

„Финансиски ние не можеме да го казниме, но доколку е прекршен Кодексот или доколку финансиското друштво добие две опомени или казни од Министерството за финансии, ние можеме да го опоменеме од страна на Комора, а во краен случај да го исклучиме од Комората, од групацијата.“, кажа Јошевски.

Од Групацијата велат дека поради големата конкуренција, во последно време каматите драстично се паднати, и се доближуваат на ниво на банкарските кои се пресметуваат за потрошувачки кредити.

Овој сектор, за кој минатата година драстично се заостри регулацијата, во 2024 година имаше раст на кредитирање од осум насто, наспроти банкарскиот од 11 насто. Или во бројки, 172 милиони пласирани средства наспроти седум милијарди и 985 милиони евра од страна на банките. Ова значи дека небанкарските финансиски друштва учествуваат со 2,1 отсто од кредитирањето во државава.