Нов инцидент ја зголеми загриженоста за безбедноста на поморскиот сообраќај во Ормуската Теснина, откако танкер бил погоден со две експлозивни направи прикачени на чамец. Во нападот избувнал пожар во машинскиот оддел, а бродот привремено бил онеспособен.
Информацијата ја објави Британската агенција за поморска трговија (UKMTO), од каде што подоцна соопштија дека сите членови на екипажот се безбедни, нема последици врз животната средина и пожарот е изгаснат.
Според известувањето, танкерот бил погоден на околу 25 наутички милји североисточно од оманскиот град Хасаб. И покрај оштетувањата, бродот продолжил да плови кон своето следно пристаниште.
Засега не е познато кој стои зад нападот, ниту кои биле мотивите за нападот врз танкерот.
Инцидентот се случува во период на зголемени безбедносни ризици во и околу Ормуската Теснина, каде што од почетокот на конфликтот меѓу САД и Иран во февруари се регистрирани повеќе напади врз трговски бродови.
Иран претходно соопштуваше дека ограничувањата за пловидба се однесуваат на бродови за кои смета дека ги прекршуваат неговите правила за премин низ стратешкиот воден пат. Развојот на ситуацијата дополнително ја нарушува безбедноста на една од најважните светски поморски рути за транспорт и извоз на нафта.
