Алијанса за Албанците нема намера да стане дел од Владата. Вака изјави претседателот на АА, Арбен Таравари, додека ваквите дезинформации се измислици на ДУИ за да се оттргне вниманието од внатрепартиските проблеми што ги имаат. Таравари во интервју за РСЕ негира дека се сретнал со Ахмети и Ковачевски.
– Ниту преговараме, ниту се среќаваме со некого. Мислам дека во ДУИ има многу интересни настани и полека создаваат внатрешен хаос меѓу нив, а мојот впечаток е дека ја наметнуваат идејата Алијанса да влезе во Владата. Нема преговори и не сум го ни сретнал господинот Али Ахмети од 2017 година, не сум се сретнал со него, ова го кажувам јавно. Господинот Ковачевски го немам сретнато во животот до пред 4-5 дена кога ми се јави младиот тетовец Бленди Ходаи на отворањето на младински центар во Тетово. Да имаше преговори ќе ви кажев, ама такво нешто нема, вели В.Д. претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
Реагираше партијата Алтернатива. Од партијата на Африм Гаши обвинуваат дека АА зависи од Владата, но според нив сегашното мнозинство е стабилно и не им требаат засилувања.
-За жал, сега кога власта е стабилна, а „огнот“ се пали само во таборот на ДУИ, г. Таравари се јавува како нивен спасител, нудејќи им на своите пратеници да го пополнат недостатокот на „огнени“ пратеници на ДУИ. Граѓанинот секако ја разбира и забележува разликата зошто Алтернатива влезе во владата и зошто се случува оваа транзиција на АА кон власта, велат од Алтернатива.
Запрашан за можноста Алијансата за Албанците да стане дел од Владата, портпаролот на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи, во изјава за ТВ21 вели дека актуелните околности налагаат да има поголема координација меѓу политичките сили. Османи вели дека за тоа како можност треба да се разговара на сите нивоа. Дури и премиерот Димитар Ковачевски пред неколку дена негираше дека имал средба за такви разговори со АА.
