Претседателот на Алијанса за Албанците , Арбен Таравари и денеска преку фејсбук ја истакна потребата за укинувањето на 20 отсто како дефиниција за албанскиот јазик.
„Во 2012 година американскиот престижен весник „ЊУ ЈОРК ТАЈМС“ ќе објавуваше научно истражување каде се вели дека албанскиот јазик е еден од трите најстари јазици во светот од кои потекуваат сите други јазици… Зарем не е недостиг на интелигенција тоа светско богатство да го наречеш 20%“, напиша Таравари.
Членот на АА, Ремзи Мемеди, е дел од работната група формирана за планирање на уставните измени, затоа го прашавме Таравари, што прави тој во врска со укинувањето на 20 отсто.
„Во работната група е дебатирано и за ова прашање и таа работна група која го предложила тоа била обврзана претходно да го усвои предлогот на Владата, но тоа не го спречи нашиот претставник во комисијата на експертите да каже ќе гласа за да не се сфати како АА ги стопира процесите, дека е против евро интеграциите, но кажал дека АА ќе продолжи и понатаму со сите можни средства, нормално политички и демократски, да се укинат 20 отсто од Уставот.“, изјави Таравари.
По разгледувањето на предлог-амандманите од Владата, постапката ќе помине и во Собрание, каде исто така постои можност за надополнување на амандманите. Таравари вети дека до крај ќе продолжат со нивното барање за укинување на 20 отсто.
„До крај ќе се обидеме со демократски средства. Ќе видиме, нашите постапки ќе ги продолжиме. Немаме дефинитивна одлука. Едно нешто е сигурно, ние влеговме во Влада за да се случат уставните измени и понатаму наше барање е да се укинат 20 отсто.“, изјави Таравари.
Премиерот Димитар Ковачевски прашан пред неколку дена дали албанските партии нема да ги поддржат уставните измени доколку во пакет не е и укинувањето на 20 отсто, одговори дека сите треба да имаат предвид дека овој процес е поврзан со евроинтеграциите.
