Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, остави отворена можноста партијата повторно да биде дел од извршната власт, но само доколку биде постигнат нов политички договор.
Во гостување во емисијата „Дебата не Шења“, Таравари беше прашан дали постои можност Алијансата за Албанците повторно да се врати во Владата. Тој оцени дека враќање без нови услови би било неприфатливо.
„Понижувачки е да се влезе од каде што си заминал“, изјави Таравари, додавајќи дека такво нешто би било можно единствено преку нов договор.
Според него, во евентуалниот договор треба да постојат јасни гаранции за почеток на преговорите со Европската Унија и за уставни измени.
„Само со нов договор во кој би имало барем гаранција за почеток на преговорите со ЕУ и уставни измени во тој случај може да се разговара. Во спротивно, нема што да се разговара“, порача Таравари.
Неговата изјава доаѓа во период на политички разговори и шпекулации околу можни промени во владината коалиција.
