Шефот на ДУИ, Али Ахмети, на првиот човек на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари му ја понудил премиерската функција во последните 100 дена од овој владин мандат, дознава ТВ21 од свои извори. Ова го демантираше првиот човек на АА, Арбен Таравари, за ТВ21 дека меѓу многуте небитни шпекулации, оваа шпекулација е особено чувствителна и дека не е вистина.
„Знам дека политичките гласини немаат никаква важност како и сите други гласини, но некои од нив се со посебна чувствителност, како онаа за премиер што божем ми било предложено. Оваа вест не е точна“, вели Арбен Таравари.
Но, како политичкиот аналитичар Алберт Муслиу ја коментира оваа информација? Според него, на секој политичар би му одговарало да стане првиот премиер Албанец.
„Политички на секого му одговара да стане прв премиер на Македонија, но тоа е дел од ПР-от што го прават политичките партии. Мислам дека ДУИ ќе инсистира тие да го предложат првиот премиер Албанец. Дали ќе биде член на ДУИ, дали ќе биде претседателот на Алијанса или некој друг Албанец што ќе го промовира, тоа е друго прашање“, додаде Алберт Муслиу.
Потпретседателката на СДСМ, Сања Љукаревска, во Клик Плус рече дека се уште не е разговарано за кандидат за премиер Албанец, ниту за кандидат за претседател. Таа додаде дека ќе бидат разгледани сите опции, заедно со Алијанса за Албанците, бидејќи и партијата на Таравари е дел од европскиот фронт.
Според неофицијални информации, понудата на Ахмети до Таравари дошла за да се убеди АА да остане дел од европскиот фронт и на следните избори, а не да оди сама на избори како што досега потенцираше АА. Се вели и дека има незадоволство од оваа идеја кај СДСМ и дека целта им е претседателските избори да пропаднат немајќи цензус. Така, актуелниот прв човек на Собранието Талат Џафери би ја извршувал функцијата претседател, а премиерската функција СДСМ би ја продолжила до крај. Со оглед на тоа што Таравари ја прифаќа функцијата премиер, тој би морал да се откаже од градоначалничката функција во Гостивар, што значи дека автоматски треба да се организираат локални избори во Гостивар.
