Со скандирања и аплауз, лидерот на АА, Арбен Таравари беше пречекан од неговите поддржувачи во Куманово. Овој собир беше најавен како средба за благодарност, а по собирот, Таравари ги собра членовите на собранието на партијата кои потпишаа декларација наречена “декларација за сигурна промена“. Оваа декларација предвидува лидерот на партијата, Таравари да формира победничка албанска коалиција, со како што се вели, некорумпирани лица, да ја испрати ДУИ во опозиција и да не прави коалиција со антиевропски сили. Оваа декларација синоќа, како што соопштија од крилото на Таравари, ја потпишаа 75 членови на собранието, а како што соопшти портпаролот, уште 10 други претходно ја потпишале, со што вкупниот број на членови на собранието кои го поддржуваат Таравари се искачил на 85.
„Денеска беа присутни 75. Декларацијата е реализирана пред 3 дена. Од вкупно 140 члена, 85 ја потпишаа декларацијата“, вели Блерант Рамадани.
Лидерот на партијата, Арбен Таравари на присутните им вети дека на 8 мај ќе славата победа.
„Денеска е 8 февруари, до 8 мај има уште 91 ден. Ќе славиме. Злото ќе си замине секако, нема избор…“, вели Арбен Таравари.
Што се однесува до недоразбирањата меѓу нив и крилото на Села, Таравари вели дека вратите се отворени за сите кои ќе се покаат. Вели дека нема за цел да се одмаздува за разрешувањето на директорите.
„Вратите се отворени. Ако се покајале, дојдете пак со нас, бидејќи овој воз води до победа која ќе се случи на 8 мај. И покрај нашите разлики, некој ми рече, вие сте лидер на партијата, можете да смените потпретседатели. Реков не, јас не ги менувам, никогаш не ги менувам, дури и ако мислат поинаку. Можеш да ги смениш секретарите, реков не, зошто да ги сменам. Размислуваат поинаку и тоа е многу легитимно. Но, некои директори и некои министри кои размислуваа како мене, веднаш почнаа иницијативи за нивна промена. Зошто ги менувате? Тоа се наши луѓе…“, порача Арбен Таравари.
Таравари вели дека се уште нема конечен договор со албанската опозиција и за конечната одлука ќе седне уште еднаш да разговара со централното раководство.
Претседателот на Централното собрание на АА, Зијадин Села, денеска го нарече овој собир несериозен гест. Тој вели дека овие постапки наликуваат на фракции.
„Вакви форми како од типот ајде да одржиме собир, од собирот ќе го направиме Собранието и од Собранието ќе одржиме состанок на централното претседателство. Тоа се несериозни гестови кои, на крајот на денот, добро е што ги откриваат вистинските лица на оние кои се навистина пучисти во партијата. Мислам дека не се случило во историјата на повеќепартискиот систем во Македонија тој што е на чело на партијата да преземе чекори кои наликуваат на некаква фракција. Чудно е што партискиот лидер се претвора во фракција“, вели Зијадин Села.
Запрашан дали на утрешната седница на Собранието бил поканет и лидерот на партијата Таравари, Села рече дека му испратил покана и како член во Централното собрание има свое место таму. Но, како што најави пратеникот на оваа партија Халил Снопче, тие нема да учествуваат на утрешното Собрание, со образложение дека Таравари само што се сретнал со членовите синоќа во Куманово.
