Лекарски грешки се случуваат и секому може да му се случи, вели министерот за здравство Арбен Таравари. Додаде дека за смртта на 14 месечното бебе секако ќе се преземат мерки. Директорот на Детската клиника суспендира привремено двајца лекари а од клиниката Козле велат дека кај нив не е утврдена некаква грешка и дека немало никаква реакција.
„Грешки во медицината се случуваат и секому може да му се случи, но секако треба да се преземат мерки и дадеме пример дека како Министерство за здравство и институциите преземаат мерки кога се прават лекарски пропусти, во овој случај во комисијата е утврдено дека има лекарски пропуст и од Министерството за здравство повторно испративме до Лекарската комора етичкиот оддел да го разгледа случајот и да се преземат одредени мерки“, рече Таравари.
Таравари го оградува министерството од одговорност, вели дека мерки треба да преземе Лекарската комора. Последната изјава од Комората е дека комисијата извршила надзор во болниците и не им ги испратила сите потребни извештаи и поради тоа немаат надлежност да постапуваат.
„Останува повторно комисијата да одлучи, ние предложивме привремено да им се одземат лиценците на лекарите, додека здравствените институции самите треба да одлучат, јас не можам на сила да ги терам. Ја поздравувам одлуката на директорот на Педијатрија, верувам дека и директорката на Козле ќе преземе одредени мерки.“, изјави Таравари.
На 5 октомври, на Детската клиника почина 14 месечно девојче кое претходно било одбиено за хоспитализација на оваа клиника.
