Течат рокови за десеттиот собраниски состав – нова сала, рачно гласање – нови протоколи и во Собранието

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Роковите започнаа да течат, 20 денови по одржувањето на изборите, треба да се одржи конститутивни седница на која ќе биде составен десеттиот по ред парламентарен состав. Најдоцна тоа би требало да се случи до 5-ти август.

Според досега познатите резултати, неофицијални од Државната изборна комисија, на обработени 99,4% од избирачките места во Собранието ќе се најдат народни претставници од следните партии:

СОБРАНИСКИ СОСТАВ 2020-2024:

СДСМ – 46

ВМРО-ДПМНЕ – 44

ДУИ – 15

АА-ААА – 12

ЛЕВИЦА – 2

ДПА – 1

Конститутивната седница доколку до 5-ти август не ја свика досегашниот спикер Талат Џафери, тоа ќе треба да го направат самите пратеници, а седницата ќе ја води најстариот пратеник.

Пандемијата пак на коронавирусот носи и промени при работата во Собранието. Салата „Македонија“ во која досега се одржуваа пленарните седници, сега ќе биде заменета со сала која се наоѓа во поткровјето на Собранието, а има место за над 600 луѓе. Со ова  би се обезбедила потребната дистанца, но по долго време ова ќе го врати и стариот процес на гласање со кревање на рака, што секако би ја забавило работата на Собранието.

Според информации кои ги добивме од Собраниските служби, медиумите ќе бидат исклучени од физичко присуство, а седницата ќе се пренесува преку директен пренос.

Во новата сала најверојатно нема да има присуство на дипломатскиот кор, што досега беше пракса при констиуирањето на новиот парламентарен состав.

По ова претседателот на државата има рок од 10 дена да го додели мандатот за состав на Влада на овој кој освоил најголем број на мандати во Собранието, а потоа мандатарот за 20 дена треба да направи список на кандидати за новата Влада и да ја напише четири годишната владина програма.

На крајот новата Влада ја гласа повторно Собранието. Според ова, новата Влада треба да ја очекуваме на средината од месец август или доколку се користат последните денови, таа би се случила и на крајот од летото.