Техничар избоден со нож од пациент, директорот на ГОБ „8 Септември“ ги засили безбедносните мерки

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Вчера додека медицински техничар (36) делел терапија, ненадејно 77 годишен пациент го нападнал со мал нож.

„МВР известува дека Д.Т. (36) од Скопје, вработен во болница, бил повреден откако бил избоден со нож од М.Н. (77) од Скопје, пациент во болницата“.

Техничарот е во добра состојба, со лесна рана во пределот на градниот кош, но стресот е голем, вели за ТВ21 директорот на Градската болница „8 Септември “, Христијан Костов каде и се случил инцидентот. После тоа, пациентот изразил жалење и каење и не знаел што направил. Истиот неколку пати бил хоспитализиран поради срцева слабост. Според Костов, се работи за дијагноза Ф 06, односно ментално нарушување кое се појавува акутно и непредвидливо.

Ваквите напади од страна на пациентите и семејствата кон медицинскиот кадар не се ретка појава, вели директорот на оваа институција. Поради таа причина, како што вели, ќе го засили обезбедувањето во ГОБ „8 Септември“.

За инцидентот остро реагираше самостојниот синдикат на здравствените работници. Апелираат до граѓаните на кои им е потребна здравствена заштита, да остават пиштоли и ножеви дома и да бидат невооружени во здравствените установи, како и психофизички да бидат подготвени да ги решат своите здравствени проблеми.